Карл Богс

Марксизмот, префигуративниот комунизам
и проблемот на работничката контрола


Извор: Carl Boggs (1977) Marxism, prefigurative communism, and the problem of workers’ control. Radical America 11–12, (6–1), 99–122.
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јануари 2025


1. Социјализам или етатизам? Дефинирање на проблемот
2. Префигуративен комунизам?
3. Русија: триумфот на јакобинизмот
4. Италија: границите на спонтанизмот
5. Германија: корпоративистичкиот ќорсокак
6. Заклучоци


Очигледен недостаток на марксистичката традиција е неуспехот да се произведе теорија за државата и политичкото дејствување што би можело да ја обезбеди основата на демократскиот и неавторитарен револуционерен процес. Двете најпроверени стратегии за унапредување на револуционерните цели – ленинизмот и структурниот реформизам – не обезбедуваат вистинска алтернатива на бирократската хиерархија, на моќта на централизираната држава и општествената поделба на трудот карактеристична за буржоаското општество. Додека ленинизмот навистина обезбеди механизам за превртување на традиционалните структури, тој во рамките на партијата-држава репродуцира бирократски централизам што го забавува напредокот кон социјализмот. А структурниот реформизам, онака како што е изразен во традиционалната социјалдемократија и комунистичките партии во напреднатите капиталистички општества, доведе до институционализација на политиката на работничката класа, во буржоаските изборни, судски и административни структури. И двете стратегии всушност го зајакнаа растот на модерниот бирократски капитализам преку нивната опседнатост со државниот авторитет, „ефикасноста“ и дисциплината.

Бидејќи на овие модели им недостасува концепција за конкретните социјалистички облици што би ги замениле воспоставените модели на доминација и бидејќи и двете ги одразуваат, па дури и ги прошируваат некои од најрепресивните карактеристики на бирократската држава, тие никогаш не се навистина способни да избегаат од ограничувањата на буржоаската политика. Така, „марксизмот-ленинизмот“ и социјалдемократијата, што во САД се главните стратешки одговори на распаѓањето на новата левица, всушност се две страни на иста паричка. И покрај нивните идеолошки контрасти, тие се потпираат врз многу од истие теоретски (па дури и програмски) претпоставки.

Би било лесно да се припише овој феномен на привремените абнормалности на „сталинизмот“ и „ревизионизмот“, но проблемот има подлабоки корени. Тој произлегува од неуспехот на марксизмот да го објасни процесот на транзиција. Забележете дека Маркс мислел дека комунизмот во светски размери ќе се појави органски и доста брзо. Кај Маркс едвај може да се најде навестување за тоа какви облици, методи и типови на водство ќе му дадат облик на социјалистичкиот поредок што се развива; без оглед какви стратешки насоки може да се откријат од неговите дела, тие се двосмислени и честопати неконзистентни.[1] Понекогаш се чини дека тој укажувал дека социјалистичката преобразба ќе наликува на преминот од феудализам во капитализам, до оној степен до кој промените во граѓанското општество нужно ќе му претходат и ќе го предвидат фактичкиот трансфер на политичката моќ – но тој не се зафатил да го концептуализира овој процес или не се зафатил со проблемот на стратегијата.

Грубиот детерминизам што го зафатил европскиот марксизам во периодот помеѓу смртта на Маркс и Првата светска војна малку направи за да ја разјасни оваа задача. Претпоставената механика на капиталистичкиот развој ја поткопувал потребата за свесна шема на транзицијата; „криза“, колапс, распаѓање – овие фаталистички поими го придвижиле марксизмот кон најнаивната вера во напредокот. Бидејќи се очекувало дека капитализмот ќе исчезне преку неговите сопствени противречности (опаѓање на профитната стапка, кризи на хиперпродукција, концентрација на богатство, осиромашување на пролетаријатот), трансформативниот процес никогаш не се сметал за проблематичен. Се претпоставувало дека целите и методите на социјалистичката револуција се одредени од логиката на самиот капитализам, како автоматски механизми што го заобиколуваат прашањето на политичката стратегија и субјективната интервенција. На пречките што му стоеја на патот на овој историски напредок кон социјализмот – бирократската доминација, општествената поделба на трудот, недостатокот на масовна социјалистичка свест – се гледало само како на одраз на застарениот производствен систем. Обидите за директно соочување со таквите пречки или за прецизирање на вистинскиот карактер на транзицијата, се отфрлале како вежби во утописки шпекулации.

Ленинизмот ја надминал оваа стратешка парализа, но неговото „решение“ било модел што е авторитарен и ориентиран кон власта, што само дополнително ја потиснува демократската и самоеманципаторската страна на марксизмот. Во изминатиот век, најдиректниот напад врз етистичкиот марксизам дојде од она што може да се нарече префигуративна [навестувачка] традиција, која започнува со анархистите од 19 век и ги вклучува синдикалистите, комунистите на советите и Новата левица. Под „префигуративно“, мислам на олицетворението, во рамките на тековната политичка практика на едно движење, на оние облици на општествени односи, начин на одлучување, култура и човечко искуство што се крајната цел. Развивајќи се главно надвор од марксизмот, таа продуцирала критика на бирократската доминација и визија за револуционерна демократија што на марксизмот генерално му недостигала. Сепак, секаде каде што не била уништена од буржоаската држава или од организираните марксистички партии, таа станала плен на сопствениот спонтанизам или била апсорбирана во етаблираните синдикални, партиски и државни институции. Овие историски ограничувања, заедно со моќната критика на ленинизмот и социјалдемократијата, се наследството на префигуративниот радикализам што денес привлекува обновено внимание.

1. Социјализам или етатизам? Дефинирање на проблемот

Падот на традиционалната социјалдемократија бил забрзан од Руската револуција и издржливоста на болшевичката држава. Ленинизмот секогаш ја нагласувал опасноста од „спонтаноста“ и потребата од централизирана и дисциплинирана организација за да се коригира имобилизмот на „отворените“ партии на Втората интернационала. Болшевичката партија била конструирана помалку за илегална борба (тема што често се преувеличува) отколку за спроведување на „малцинска револуција“. Оваа стратегија ја обликувале два услови: малуброен пролетаријат што коегзистира со многубројно селанство во проиндустриското општество и слаба држава подложена на екстремни кризи на легитимноста. За Ленин, сè се вртело околу непосредноста на борбата за власт. Како што забележал Лукач, главното достигнување на Ленин било пркосењето на „законите“ на капиталистичкиот развој и внесувањето на политичка волја во марксизмот: стратегијата била онаа на реалполитиката.[2] Партијата-држава е поцентрална за ленинизмот отколку неодредената анархистичка визија за масовно учество што Ленин ја скицирал во „Државата и револуцијата“. Бидејќи болшевиците ја освоија власта во момент на тешка криза и без продолжително зголемување на поддршката од народот надвор од градовите, нивната шема не повикувала на преобразба на граѓанското општество што ќе му претходи на трансферот на власта. Тие ги постигнале непосредните цели околу власта, но изолацијата и опозицијата со кои се соочиле направиле нивните социјалистички цели да бидат неостварливи. Да се зачува револуционерниот режим во такви услови значело зацврстување на партијата-држава; потаму од тоа, проектот за преобразба на таквото општество барало масовна употреба на контрола, манипулација и принуда.

Ленинистичкиот монопол на власта во Русија имал две главни последици: тој ги преобразил масите „претставени“ од партијата во манипулирани објекти и создал преокупација со бирократските методи и техники. Целиот пристап на Ленин бил оној на техничарот што ги нагласува организационите средства на политичката борба додека ги минимизира самите цели.[3] Ова потиснување на вредностите дозволува користење на капиталистички методи за унапредување на „социјалистичката изградба“: хиерархиски структури, тејлоризам, авторитарно-субмисивна личност, отуѓен труд. Сите вмешувања од долу се отфрлале како „утописки“, „ултралевичарски“ или „анархистички“. Самите средства што болшевиците ги користеле за да ја воспостават економско-техничката основа за премин кон комунизам, неизбежно ги поткопувале тие цели и го поттикнале растот на бирократскиот централизам.

Ленин ја поистоветил работничката власт со фактот на болшевичкото владеење, исмевајќи ги „ситнобуржоаските илузии“ на левичарите што барале демократско учество. До 1921 година, режимот веќе ги уништил или ги претворил во „трансмисиони појаси“ оние народни и автономни институции – советите, синдикатите, фабричките комитети – што одиграле витална улога во револуцијата. Пред својата смрт, Ленин се оддалечил од бирократската плима, но болшевичката традиција не понудила алтернативна стратегија. Единствената концепција за транзиција кај Ленин била онаа што се спроведувала во практиката – адаптивна, флексибилна тактика која, кога се комбинирала со приматот на партијата, го фаворизирала централизмот.

Потаму од спомнувањето на „диктатурата на пролетаријатот“, болшевиците ретко го поставувале прашањето за структурите. Освен залудните внатрешни протести на левите комунисти, немало анализа за тоа кои политички облици и односи на авторитет се соодветни на марксистичката визија за бескласно и бездржавно општество. За Ленин, природата на преодниот период секогаш останувала неодредена; барањето „целата власт на советите“ во суштина било парола и во секој случај немало влијание врз пореволуционерниот развој. Советите се сметале за отскочна штица за освојувањето на власта наместо како никулци на новата социјалистичка држава. Партијата секогаш имала предност пред советите и се стремела да ја ограничи нивната автономија; доследна на административниот акцент на Ленин, неговата визија за револуција била вкотвена во организирањето од големи размери.[4] Откако ја „уништиле“ авторитарната држава, болшевиците набрзо ја пресоздале.

Иако марксизмот првично беше антиетатистичка теорија, советскиот развој по Ленин го создал она што Југословенот Стојановиќ го нарекува „етатистички мит на социјализмот“.[5] Револуционерните цели станале нераздвојни од државната иницијатива во доменот на контролата, сопственоста, планирањето, акумулацијата на капиталот, вработувањето на работната сила. Транзицијата кон социјализмот се здобила со мистичен квалитет: свеста, општествените односи и политичките навики неопходни за изградба на социјалистички поредок се чинело дека не извираат од никаде, без долг и органски процес на преобразба во граѓанското општество што ќе ги негува.

Додека ленинизмот најдобро функционирал во прединдустриските земји со слаби институции на власт, стратегијата на структурни реформи се зацврстила во напреднатите капиталистички општества каде што буржоаските традиции се поцврсто вградени. Дури и онаму каде што „ленинистичките“ движења преживеале во индустријализираните земји, тие или го напуштија својот авангарден статус или запловија кон изолационизам.

Теоријата на структурни реформи често се сфаќа како враќање од ленинизмот кон традиционалната социјалдемократија, но моделот воведен од Италијанската комунистичка партија по Втората светска војна содржеше попозитивна концепција за транзицијата. Таа се стреми да ги заобиколи крајностите на авангардизмот и спонтанизмот преку учество во буржоаската демократија и проширување на нејзините облици (избори, парламент, локални власти, синдикати). Нејзината премиса беше дека марксистичките влади не може да стекнат хегемонија сè додека политичката рамнотежа на силите силно не ги фаворизира; растечката сила на работничката класа постепено ќе ги преобрази структурите, кршејќи ја моќта на монополите и централната бирократија, истовремено внесувајќи нов живот во масовната политика.[6] Спротивно на ленинизмот, таа предвидуваше постепена, мирна демократизација на државата; спротивно на „ултралевицата“, таа понуди „опиплива“ стратегија што се стремеше кон посредување на целите во рамките на преовладувачката култура и традиции наместо кон борбите на потполна конфронтација.

Еволуцијата на комунистичките партии во развиените општества ги одразува противречностите на структурниот реформизам: изборно-парламентарните борби доведоа до стратешко (а не само тактичко) вклучување во буржоаските структури и до институционализација во рамките на системот. Овој процес се одвиваше на три нивоа:

1. како и ленинизмот, самата стратегија ги обесхрабрува префигуративните облици што би им дозволиле на масите да го утврдат револуционерниот процес;
2. парламентаризмот ја поткопува секоја посветеност на борбата на базично ниво, работничката контрола и културната преобразба и ја одвојува партијата од секојдневниот живот;
3. годините изборни кампањи насочени кон освојување гласови и градење коалиции за власт го фаворизираа подемот на политиката на интересни групи заснована на апелирање на економизмот, популизмот и покровителството.

Така, структурниот реформизам ја перпетуира поделбата меѓу политиката и економијата. Од една страна, партијата мобилизира гласови, создава сојузи и ја проширува својата локална административна и парламентарна застапеност; од друга страна, синдикатите се обидуваат да ги унапредат материјалните барања на трудот преку договорно преговарање. Оваа поделба го фрагментира работничкото движење и го отежнува поврзувањето на непосредните борби со широките социјалистички цели. Електорализмот ја минимизира народната мобилизација и поттикнува делумен, отуѓен, институционален пристап кон политиката,[7] додека синдикализмот ги репродуцира хиерархијата, дисциплината и корпоративизмот на капиталистичката фабрика.

Има уште еден проблем – кој што произлегува од концептот на „неутрална“ држава која гледа на апаратот на буржоаската власт како да стои „над“ класната борба, како техничко средство што може да се преструктуира и да се искористи за револуционерни цели. Конзерватизмот на структурно-реформистичките партии открива дека државата е неразделна од граѓанското општество, производ на капиталистичкиот развој. Институциите што произлегле од буржоаската револуција се премногу длабоко вградени во таа традиција за некако чудесно да се извлечат од неа и да се исковаат во механизми за социјалистичка преобразба. Она што го забележале Грамши и Луксембург – во еден претходен период – сè уште важи: либералнодемократските структури функционираат пред сè за да го легитимираат буржоаското општество. Прекумерното потпирање на државата овде се разликува од она на ленинизмот, но и тој не успева да го постави револуционерниот процес во севкупното општество и во развивањето на нови политички облици.

И покрај посветеноста на плурализмот, структурниот реформизам само го разубавува етатистичкиот мит за социјализмот во поинаква надворешност – самата централна држава станува главниот двигател, изворот на сета иницијатива и легитимација, главната арена на учеството. На крајот, структурниот реформизам и ленинизмот претставуваат две дијаметрално спротивни стратегии што водат до меѓусебно блиски верзии на државниот бирократски капитализам. Додека ленинизмот ги репродуцираше суштинските карактеристики на капитализмот, вклучително и хиерархијата, стоковното производство и отуѓениот труд, во нова и поцелосна форма, структурниот реформизам ветува дека ќе ги прошири, рафинира и „рационализира“ постоечките буржоаски институции.

2. Префигуративен комунизам?

Во рамките на марксизмот, проблемот на бирократската доминација и хиерархија обично се сфаќа како манифестација на класната структура – концептуална слабост што помага да се објасни отсуството на стратегија заснована на нови облици на авторитет. Од друга страна, префигуративната стратегија ги гледа етатизмот и авторитаризмот како особени пречки што треба да се отфрлат; нејзината цел е да ја замени бирократската држава со изразито народни институции. Идеално, оваа традиција изразува три основни грижи:

1. страв од репродукција на хиерархиски односи на авторитет под нов идеолошки изговор;
2. критика на политичките партии и синдикатите, бидејќи нивните централизирани облици ги репродуцираат старите односи на моќ на начин што ги поткопува револуционерните борби; и
3. посветеност на демократизација преку локални, колективни структури што го антиципираат идното ослободено општество.

Префигуративниот модел – барем во некои од неговите неодамнешни изрази – го нагласи превратот на сите начини на доминација, а не само на експропријацијата на приватната сопственост. Етатистичките обиди да се воведе национализација, централно планирање и нови општествени приоритети може да постигнат трансфер на законската сопственост, но тие исто така може да ја остават недопрена општествената поделба на трудот и бирократијата.[8]

Идејата за „колективна сопственост“ останува мит сè додека не се уништат старите облици на институционална контрола; замената на приватното управување со државно или „јавно“ управување претставува само површно, апстрактно решение за противречностите на капитализмот. Како што кажува Горц: „Не постои такво нешто како комунизам без комунистички начин на живот или ‘култура’; но комунистичкиот начин на живот не може да се заснова на технологијата, институциите и поделбата на трудот што произлегуваат од капитализмот“.[9] Само кога самите работници ќе воспостават нови партиципативни облици може да се отстранат отуѓениот труд и потчинувањето. Оваа преобразба го вклучува, но и оди многу подлабоко од проблемот на формалната сопственост – таа продира до нивото на фабричката хиерархија и авторитаризмот, фрагментацијата на работните вештини, стоковното производство и раздвојувањето на умствените и физичките функции што произлегуваат од капиталистичката поделба на трудот. Овие карактеристики, за кои често се смета дека се неопходни за поголема ефикасност и продуктивност, може подобро да се сфатат како средства за да се обезбеди контрола над трудот.[10] Движењето кон специјализација и хиерархија првенствено не доаѓа од акумулацијата на капитал и технолошкиот развој во потесна смисла, туку од потребата да се создаде бирократски организирана и дисциплинирана работна сила.

Бирократизацијата создава пречки за револуционерните промени што класичниот марксизам само бледо ги предвидол. Проширувањето на јавната сфера и конвергенцијата на државните и корпоративните сектори значеше поцентрализирани и тотални мрежи на моќ и, соодветно на тоа, ерозија на народната демократска иницијатива. Бирократската логика, која навлегува во секоја област на јавното постоење, помага да се наметне буржоаската идеолошка хегемонија во онаа мера во која таа шири култура на организациско приспособување, потчинување, прагматизам, рутина; таа го деполитизира потенцијалното спротивставување преку стеснување на опсегот на политичкиот дискурс, преку институционализирање на отуѓувањето и преку наметнување само „технички“ решенија за проблемите. Еднаш штом се вкорени, бирократијата има тенденција да создаде ригидност што се спротивставува на суштинските промени. Самите марксистички движења во повеќе наврати беа жртви на својата внатрешна бирократизација.

А сепак, оваа динамика, иако навлегува во нови сфери на животот, отвора расцепи во капиталистичката структура на моќ; почнуваат да се појавуваат нови точки на ранливост и нови центри на отпор. Не само производството, туку и секој аспект на општественото постоење се вклучува во класната борба. Додека префигуративните движења првпат се појавиле за време на раните фази на индустријализацијата и бирократизацијата, експлозијата на народната бунтовност во 1960-тите – револуционерната левица во Западна Европа, Јапонија и на други места, новата левица, борбите на работничката класа на базично ниво, опозициските движења во Источна Европа – покажа дека тие сѐ уште се прилично живи.

Институционалниот фокус на префигуративниот комунизам се малите, локални, колективни органи на народна контрола – фабричките совети, советите, собирите на соседствата, револуционерните акциони комитети, групи на афинитет – што се стремат да ја демократизираат и раздвижат револуционерната политика. Најчесто продолжеток на традиционалните структури што изразуваат одредена нејасна посветеност на непосредната демократија – на пример, на селските колективи во Русија, Кина и Шпанија, на организацијата на синдикалните застапници во Британија, на комитетите за поплаки на синдикатите во Италија и Франција – тие често се радикализираат во време на кризи и создаваат пошироки револуционерни облици. Париската комуна, Руската и Кинеската револуција, унгарските револуции од 1919 и 1956 година, шпанското востание од 1936-39 година, Виетнамската револуција и бунтот во Франција од 1968 година, сите тие ги катализирале широките мрежи на „двовластие“.

Ваквите групи, генерално наречени совети, можат да создадат раководство што е органски вкоренето на локалното работно место и во заедниците и што е директно одговорно пред населението. Тие поседуваат и други предности: на пример, преку колективизирањето на работните и „управувачките“ функции, советите може поефективно да се борат против општествената поделба на трудот; преку нагласувањето на преобразбата на општествените односи пред целите на инструменталната власт, тие може да инкорпорираат поширок опсег на прашања, барања и потреби во народните борби; преку поставувањето на прашањето за идеолошката хегемонија, тие може да го обезбедат контекстот во кој масите би го развиле својот интелектуален и политички потенцијал – каде чувството на доверба, дух и креативност ќе почнат да ги заменуваат фатализмот, пасивноста и потчинетоста всадени од буржоаскиот авторитет;[11] и, конечно, преку охрабрувањето на политичкото вклучување што е центрирано надвор од доминантните структури, способноста да се пружи отпор на дерадикализацијата може значително да се зајакне.

Во најширока смисла, на префигуративните структури може да се гледа како на нов извор на политичка легитимност, како на зачеток на идната социјалистичка држава. Тие може да создадат потполно нов вид политика, разбивајќи ја поделбата на трудот меѓу секојдневниот живот и политичката активност. Како што сугерира Корнелиус Касторијадис: „Она за што овде станува збор е депрофесионализацијата на политиката – т.е. укинувањето на политиката како посебна и засебна сфера на активност – и, обратно, сеопшта политизација на општеството, што значи токму тоа: работите на општеството стануваат, буквално, сечија работа“.[12]

Се разбира, раната префигуративна традиција ретко го постигнувала ова ниво на политизација. Постои впечатлив контраст помеѓу старите европски анархистички и анархосиндикалистички движења и повоените советски бунтови во Русија, Италија, Германија и на други места. Претходните варијанти ја презирале политиката и ја славеле спонтаноста до таа мера што никогаш не можеле да го надминат сопственото општествено посредување или да изработат ефективна стратегија. Тие претставувале бегство од поголемите општествени прашања што често инспирирало презир кон „теоријата“ и „организацијата“ во која било форма (стил што се повтори кај раната нова левица). Првично како одговор на организираниот марксизам, нивната судбина била една од двете крајности: или беспомошно удирање однадвор или асимилација во самиот марксизам. Тешкотијата да се прошират локалните центри на револуционерна демократија во рамките на репресивниот поредок само го интензивирала овој проблем.

Анархизмот и синдикализмот одговориле на овој проблем преку инсистирање дека долгиот период на идеолошко-културна преобразба може постепено да ги еродира моралните основи на бирократската државна власт. Но, сите такви префигуративни движења всушност биле уништени, бидејќи нивното непријателство кон координацијата и водството им овозможувало на владејачките сили да го монополизираат политичкиот терен. Згора на тоа, до оној степен до кој тие произлегувале од селскиот или ситнобуржоаскиот светоглед, тие во основа биле романтични и утописки, копнеејќи по едно минато некорумпирано од индустријализацијата и урбанизацијата.

Од дебатите Маркс-Бакунин од доцните 1860-ти па до Првата светска војна, односот помеѓу марксизмот и анархизмот бил однос на поларизиран судир: организацијата наспроти спонтаноста, водството наспроти самоактивноста, централизмот наспроти локализмот итн. На некој начин оваа поларизација била засилена од Болшевичката револуција, кога успехот на ленинизмот ги принудил анархистите на повлекување. Во исто време, со повоената криза на европскиот капитализам, префигуративните движења почнале да се угледуваат на нови модели – советите во Русија, борбите на фабричките совети во Италија, комунизмот на советите во Германија и Холандија. Иако сè уште сомничава кон сета „политичка“ активност, советската тенденција се обидела да ги интегрира најдобрите елементи на двете традиции. Теоретичарите на советите, како Панекук и Гортер, на пример, ја надминале строгата посветеност на спонтаните и локални движења; тие се обиделе, барем теоретски, да ги инкорпорираат потребите за структура, водство и координација во еден демократски и префигуративен револуционерен процес.

Советизмот значел јасен напредок потаму од претходните пристапи на три нивоа. Прво, и покрај општата диференцијација помеѓу партискиот комунизам и комунизмот на советите, општата насока била кон спојување на народните органи на самоуправување со поголемите системи на координација и планирање – наречени на германски „Raetesystem“, или федерирана мрежа на совети. Локалните собири биле сфатени како дел од една широка политичка стратегија. Второ, иако борбата за државна власт никогаш не била утврдена како основна цел, ниту на неа се гледало во авангардистички или изборни термини, ниту се отфрлала со презир. Процесот би бил поинаков: воспоставените структури ќе требало да бидат поткопани одоздола и да се заменат со колективни народни структури. Трето, советизмот не се угледувал на идиличното минато вкоренето во примитивниот колективизам, туку на марксистичката визија за иднината – на развивачкиот потенцијал на работничката класа и на економско-технолошкиот развој како основа на човековото ослободување.

Но, дури и советизмот не успеал да произведе зрела револуционерна стратегија што можела да се преточи во одржливо движење. Родени во криза, советите брзо исчезнале штом се вратила стабилноста; експлозивните напредоци биле скршени и неутрализирани. Во Русија, биле уништени од ленинистичката партија-држава, во Италија од изолацијата израсната од локализмот и центрираноста на фабриките, а во Германија од политиката на тесни интересни групи што била израз на растечкиот слој на висококвалификувани, професионализирани работници во занаетчиски занимања. Овие неуспеси, во една или друга форма, по првичниот повоен подем на советите многупати се повторуваат на други места. Префигуративната димензија на револуционерната политика постојано се судира со инструментализмот на бирократските борби за власт.

3. Русија: триумфот на јакобинизмот

Руското работничко движење, иако мало и без политичка зрелост според општите европски стандарди, првпат се појавило како радикална сила кон крајот на векот. Политизирано од репресивниот апарат на авторитарната царска држава, тоа природно барало автономни облици на пролетерско организирање. Таквите облици првично се појавија во голем обем за време на Револуцијата од 1905 година, кога фабричките комитети и локалните совети (совети вкоренети во фабриките и/или заедниците) организирале штрајкови и масовни демонстрации; но тие брзо стивнале откако бунтот бил крваво задушен од Николај II и повторно не се појавиле до 1917 година. Во 1905 година тие биле ограничени на неколку градски области и иако некои израснале до огромна големина (московскиот совет регрутирал повеќе од 80.000 работници), тие обично биле краткотрајни. Но, во месеците непосредно пред и по Октомвриската револуција, тие биле во можност да воспостават моќно географско и институционално присуство како органи на „двовластие“.

До март 1917 година, повеќе од 140 совети се развивале во Русија и Украина; само неколку месеци подоцна, бројот се искачил на околу 200, при што многу од нив биле на село. Фабричките комитети исто така се појавувале со стотици, во индустрискиот центар Петроград и на други места. Потесно поврзани со секојдневниот живот на работниците и селаните одошто била слабата Привремена влада, советите и фабричките комитети станале легитимни тела за одлучување во многу важни заедници и фабрики.

Радикализирани од военото распаѓање на економскиот и политичкиот живот, тие се развиле во витални фактори на револуционерната мобилизација и потенцијални центри на колективната политичка власт. Тие биле главните катализатори на Октомвриската револуција.

Советите биле дефинирани како првенствено политички собранија. Дури и во областите каде што тие станале идеолошко бојно поле за трите главни левичарски партии – болшевиците, меншевиците и социјал-револуционерите – тие сепак одразувале широка општествена основа, со делегати избрани од речиси сите народни слоеви. Бројот на делегати многу варирал – од помалку од 100 во некои села и градски совети до 3.000 во Петроградскиот совет. Состаноците се одржувале редовно, понекогаш и секојдневно, а дебатата за локалните прашања обично била отворена и вжештена. Се разбира, во поголемите собранија, извршниот комитет се стекнувал со одврзани раце околу секојдневните работи и понекогаш развивал централистички тенденции, но брзата промена на делегатите, заедно со брзото темпо на настаните, наметнувале граници на бирократизацијата. Повеќе од сè останато, советите помогнале да се легитимизира левицата врз основа на нејзиното стабилно присуство во базата во условите на криза; тие мора да биле индиректно одговорни за регрутирањето на стотици илјади во левичарските движења – задача што самите партии веројатно не можеле да ја постигнат.

Кога кризата од 1917 година ја приближила Русија кон револуција, советизмот наишол на три сериозни проблеми. Првиот вклучувал поделба меѓу советите и фабричките комитети, меѓу политиката и економијата. Во најголем дел, советите презеле овластувања за одлучување за општите работи на заедницата, додека комитетите биле подиректно засегнати со прашањата од работна природа на локациите на производството. Иако и на едните и на другите им недостасувала идеолошка хомогеност и стратешка насока, фабричките комитети постојано биле полево од советите. Фабричките органи биле помилитантни – и притискале за работничка контрола и масовни акции - штрајкови, демонстрации, окупации. Од друга страна, советите вршеле ублажувачка сила; тие главно притискале за законски тактики, што делумно се должело на нивниот поразновиден општествен состав, а делумно на нивната посветеност на институционалната политика. На пример, Петроградскиот совет бил бавен во прифаќањето на народните борби што граделе кон Октомвриската револуција.[13] Во исто време, комитетите биле инхибирани од тесниот нагласок на секојдневните економски барања што имале тенденција да ги исклучат политичките цели. Дејствувајќи преку комитетите, работниците физички го отстраниле менаџментот на многу фабрики и воспоставиле сопствен систем на контрола, но „политиката“ им била препуштена на советите, а движењето на советите останало фрагментирано.[14]

Вториот проблем бил тесно поврзан со првиот: како да се изгради географска и политичка координација. Без политичко единство, префигуративната политика била предодредена сама да се распадне или да подлегне на логиката на јакобинизмот. Всушност, настаните од 1917 година толку брзо се движеле што имало мали шанси едно такво дисперзирано и идеолошки дифузно масовно движење да изгради национални структури на народно самоуправување. Се разгледувала идејата за Централен совет и неколку регионални состаноци произвеле дебати во врска со предлозите за федеративни координативни тела, но не дошло до консензус. Така, стратешката парализа тешко можела да се избегне, со оглед на моќта на регионализмот, културниот јаз меѓу градовите и селата и ривалството меѓу советите и фабричките комитети.

Ова нè води до третиот проблем – конфликтот помеѓу префигуративните структури и левичарските партии (особено болшевиците), што на крајот, по револуцијата, довело до пропаст на народните собранија. Она за што овде станувало збор била способноста на болшевиците да ја воспостават својата политичка хегемонија во советите и комитетите и потоа да ги преобразат овие органи во инструменти на нивната сопствена консолидација на државната власт. Вообичаената шема била болшевиците да изградат мнозинска база на поддршка, да формираат револуционерен комитет кој ќе биде подложен на партиска дисциплина, а потоа да ги искористат локалните органи како легитимизирачко покритие за воспоставувањето на партиска доминација.[15] Овие тактики восхитувачки функционирале, со оглед на цврсто поврзаниот, дисциплиниран карактер на партијата и отворената, лошо дефинирана природа на советите и фабричките совети. До времето на Револуцијата, болшевиците контролирале околу половина од сите совети и повеќето од големите урбани совети, вклучувајќи го и клучниот Петроградски совет што одиграл важна улога во катапултирањето на партијата на власт. А тие однадвор биле и највлијателната сила во фабричките комитети.

Револуционерното освојување на власта всушност било преземено во име на советите; партијата била замислена како глобален „израз“ на локалните структури, како само еден од механизмите преку кои би се одвивал револуционерниот процес. Но, во реалноста, болшевиците секогаш биле сомничави кон советите – особено кон оние што ја задржале автономијата во однос на партијата – и на почетокот на 1918 година започнале да вршат сеопфатен напад притив нив. Независните локални организации од секаков вид биле осудувани како прибежишта на „парохијализмот“ и „анархизмот“ (да не зборуваме за меншевизмот), а работничката контрола била отфрлена како „левичарска илузија“. Болшевиците сега биле во позиција да ги потчинат преостанатите совети, дури и таму каде што немале јасно мнозинство, иако не без силен отпор. Тие совети, заедно со останатите што потпаднале под болшевичка хегемонија во предреволуционерниот период, постепено биле испразнети од колективно-демократската содржина и биле преобразени во „трансмисиони органи“ за спроведување на одлуките донесени од партиското раководство. Фабричките комитети биле распуштени од синдикалниот апарат, кој веќе станал додаток на партијата. До средината на 1918 година, „левичарите“ од Врховниот економски совет биле исчистени, што го отворило патот за декретите што им ставиле крај на работничката контрола во одредени клучни индустриски сектори.[16]

Ова совршено било во согласност со главната болшевичка стратегија. граѓанската војна и постреволуционерната криза го забрзале подемот на бирократскиот централизам и сузбивањето на префигуративните структури, но динамиката била воведена многу порано, пред освојувањето на власта. Ленин гледал на работничката контрола како на тактичка цел што требало да се искористи пред партијата да ја преземе државната власт – како на средство за ограничување на капиталистичката хегемонија во фабриките, за поттикнување востание и, на крајот, како чекор кон национализација и државно-планска економија од горе надолу. Народното самоуправување, било преку советите, фабричките комитети или некој друг облик, болшевиците никогаш не го сметале за принцип на социјалистичката државна власт. Веќе на почетокот на 1918 година, Ленин тврдел дека опстанокот на болшевичката власт – да не зборуваме за развојот на продуктивна економија – зависел од централното планирање и координација, од рационализираното администрирање, од „управувањето од еден човек“, од работната дисциплина и од строгите контроли над локалните организации.[17]

Бирократскиот централизам, што бил имплицитен во оваа стратегија, можел да води само до она што левичарските критичари на режимот веќе го нарекувале „државен капитализам“. Многумина сметале дека самата бирократија е клучен непријател на социјализмот и инсистирале на тоа дека револуционерните цели на болшевиците веќе се заборавени. Тие ја истакнувале работничката контрола, локалната автономија и отворената дебата внатре во партијата. Како одговор на тоа, болшевиците ги отфрлиле овие критики како „утопистички“ и „синдикалистички“; тие ги гледаа советите, фабричките комитети, па дури и синдикатите како нарушувачки пречки за главната задача на консолидирање на партијата-држава во очи на сериозните политички закани. Во периодот 1918-1920 година, режимот се насочил кон елиминирање на левата опозиција во партијата (што кулминирало со забраната на фракциите на 10-тиот партиски конгрес во март 1921 година) и ги потчинил стотиците масовни организации што биле столбот на револуционерната борба. Советите станале структури на државната власт; фабричките комитети или исчезнале или ги загубиле своите раководни функции; синдикатите станале продолжена рака на партијата, а работничката опозиција била поразена до 1921 година; додека левите комунисти конечно биле отстранети од партијата или уништени преку сила (како во Кронштат).[18]

Во битката меѓу ленинистичките и префигуративните сили во Русија, првите брзо се здобиле со предност. Партијата била обединета и дисциплинирана, додека народните органи биле ужасно фрагментирани. Покрај тоа, централната премиса на префигуративното движење – дека револуционерната иницијатива треба да ѝ се одземе од партијата и да ѝ се „врати на класата“ – била нереална со оглед на малубројниот и изолиран пролетаријат во Русија и историските притисоци што го фаворизирале централизмот. Конфликтот и кризата ја зајакнале јакобинската тенденција кон обновување на редот, а наметнувачкото барање за „единство“ можело само да ја зајакне авангардистичката и етатистичка стратегија што Ленин ја зацртал уште во 1902 година.

4. Италија: границите на спонтанизмот

Италијанското движење на советите произлегло од Биенио Росо („Црвените две години“) што го зафатило северниот дел на земјата во текот на 1918-1920 година и што завршило со колапсот на фабричките окупации во Торино. Кризата на буржоаскиот поредок всушност започнала во предвоените години, кога идеолошкиот консензус со кој манипулирал премиерот Џовани Џолити (преку политичката уметност наречена trasformismo – обликување на широки елитски сојузи што служеле за апсорпција на левичарската опозиција) почнал да се распаѓа. Брзиот економски раст по 1900 година, со развојот на „индустрискиот триаголник“ на Милано, Торино и Џенова, ја воспоставил основата за високо класно свесен и борбен пролетаријат.

Индустриските работници во голем број се вклучувале во Социјалистичката партија (ПСИ) и синдикатите, иако многумина биле привлечени од синдикализмот, а некои дури и гледале кон анархизмот. Како и другите партии на Втората интернационала, ПСИ прокламирала револуционерна стратегија што ја прикривала реформската практика; таа се борела за либерални реформи во политичката сфера и мерки за социјална благосостојба во економската сфера – пристап што произвел големо членство и изборни добивки кои во 1919 година ѝ дале на партијата 156 места (околу една третина) во Домот на пратениците. Синдикалниот партнер на ПСИ, Општата конфедерација на трудот (ЦГЛ), главно функционирала како средство за договарање со капиталистичкото раководство; таа се стремела да ја зајакне економската моќ на работничката класа преку идејата да предизвика општа криза што ќе ја забрза „природната смрт“ на капитализмот.

Таквото реформистичко сценарио можело да ги унапреди изгледите на ПСИ да не дошло до избувнувањето на војната и Руската револуција. Воениот пораз ја оставил Италија во состојба на парализа. Поразот доведе до општествено нарушување и остар економски пад, што се карактеризирал со недостиг на храна, невработеност, инфлација и нагло опаѓање на лирата. Народната борбеност брзо се раширила; до 1917-1918 година, бранот штрајкови, улични демонстрации и окупации на земјиште започнал да ја нагризува реформистичката доминација на ПСИ-ЦГЛ и да инспирира изблик на синдикализам (работнички борби ограничени на локацијата на производството). Пролетерскиот бунт бил сконцентриран во Пиемонт, особено во Торино, каде што подемот на квалификуваната, концентрирана и релативно хомогена пролетерска култура поттикнувала споредби со Петроград во предвечерието на Болшевичката револуција. Веста за октомврискиот преврат ги разгорела овие борби, кои достигнале врв што неповратно ќе го преобрази стариот политички терен.

Она што еволуирало било движење насочено исто толку против етаблираните марксистички организации колку и против капиталистичкиот поредок, што се засновало на целосен, бескомпромисен прекин со сите буржоаски институции. Тоа инспирирало три главни тенденции – ленинистички авангардизам, синдикализам и, пред сè, комунизам на советите, роден од торинското работничко движење. До средината на 1919 година десетици илјади работници биле регрутирани во „consigli di fabbricca“ или во фабричките совети, кои произлегле од комитетите за поплаки на синдикатите во „Фиат“ и други претпријатија, откако пролетерските барања повеќе не можеле да се апсорбираат преку рамката на синдикатот. Овие советски засновани борби инспирирале нови начини на класно војување и на крајот притискале во насока на револуционерна стратегија, што го предизвикувала реформистичкиот модел на ПСИ-ЦГЛ.

Иако поинакво од синдикализмот, движењето на советите асимилирало многу од она што било позитивно во синдикалистичката критика на хиерархискиот и авангардистички марксизам и нагласило голем дел од истите цели: непосредна демократија на локациите на производството, работничка солидарност и колективно самоуправување со фабриките. Во мај 1919 година, торинските советски револуционери го основале списанието „Л’ордине нуово“, кое преку напорите на Антонио Грамши и на останатите се обидело да воспостави нова теоретска основа за она што било експлозивен, но сепак аморфен народен бунт. Списанието се стремело да ги анализира и олесни условите што ќе ја овозможат транзицијата кон социјализам; фабричките совети се сметале за првиот чекор кон посеопфатни облици на социјалистичка демократија, како „ембрион“ на нова пролетерска држава. Во периодот од 1918 до 1920 година, Грамши претставил органска или „молекуларна“ концепција на револуционерниот процес, различна и од социјалдемократскиот и од ленинистичкиот модел.

Една од причините зошто фабричките совети станале витална сила во повоена Италија, настрана од нивната прилично драматична експанзија во регионот на Пиемонт, било чувството на неизбежен преврат што ја зафатило левицата. Грамши особено го почувствувал тоа, на моменти усвојувајќи речиси религиозен оптимизам кон новите можности создадени од политичкиот хаос. Советското движење ги засновало своите надежи на една симплистичка теорија на кризата: буржоаското општество насекаде се распаѓало, капитализмот ја загубил иницијативата, а од катастрофата ќе никнат семињата на револуционерниот поредок всадени во советите и другите народни собранија.

Класните судири во Италија отворено експлодирале на почетокот од 1920 година. Растечкиот опсег и борбеноста на советското движење ја поставиле сцената за силната контраофанзива на индустријалците од Пиемонт и Лигурија, што вклучувала масовни затворања на фабриките и окупации на многу фабрики од страна на војниците. Она што следело било генерален штрајк во Пиемонт, „одбранбен“ по своето потекло, кој мобилизирал повеќе од 500.000 работници во текот на целиот месец април. Штрајковите се прошириле ширум Северна Италија, но не зафатиле подалеку. Апелот за сеиталијански генерален штрајк бил игнориран. Непријателството на раководствата на ПСИ и ЦГЛ било премногу за ова локалистичко движење да го надмине и поразот бил неизбежен. Изолирани географски и политички, исцрпени и со потрошени финансиски средства, работниците се вратиле во фабриките.

Сепак, пет месеци по колапсот на генералниот штрајк во Пиемонт дошло до серија окупации на фабрики што се чинеле дека ја поттурнаа Италија до работ на револуцијата. Подемот повторно зафатил поголем дел од Северна Италија: окупацијата на повеќе од 200 фабрики од страна на 600.000 работници го ревитализирала опаѓачкото советско движење. Како и во април, бунтовите започнале главно како одбранбен потег за да се спречат затворањата на фабриките од страна на индустријалците поради ќорсокакот во преговорите. Но, борбите што произлегле од обидите да се преземат и раководат фабриките, под хаотични и тешки услови, брзо ги политизирале работниците и ја прошириле агитацијата надвор од нејзините претходни граници. Од Милано, Џенова и Торино окупациите се прошириле и во други области. Додека советските структури како такви не се прошириле надвор од нивните корени во Пиемонт, окупациите насекаде биле проткаени со чувството на пролетерска солидарност и стремеж кон работничка контрола. Окупациите се одвивале на уреден и мирен начин, а во воздухот имало револуционерна еуфорија. И индустријалистите мислеле дека револуцијата е неизбежна; Џовани Ањели, убеден дека капитализмот е премногу тешко осакатен за да воскресне самиот, бил на работ да им ја предаде „Фиат-Центро“ на работниците што ја окупирале, прашувајќи: „Како можеш да изградиш нешто со помош на 25.000 непријатели?“[19]

Неуспехот на окупациите не бил толку производ на нивното напуштање од страна на хиерархијата на ПСИ, а уште помалку од реалната или заканувачка државна репресија, туку главно поради вештото кооптирање спроведено преку соработка помеѓу владата, прогресивните индустријалци и синдикатите. Историчарот Паоло Спријано го нарече „ремек-дело на Џолити“ – последен, галантен напор да се спаси италијанскиот капитализам преку „реформистичко решение“ креирано од елитите. Од Биенио Росо произлегла неодредената формула на „синдикалната контрола“, што на хартија значела рамноправно синдикално учество во управувањето со претпријатијата и државно економско планирање, но што во реалноста значеше малку, бидејќи фашистичката лавина наскоро ќе се подбива со таквите договори.

Движењето на фабричките совети постигнало големи победи во Торино, но му недостигало стратешки потисок и ресурси за да се одржат. Органите на работничката контрола што во еден момент го галванизирале целиот пролетаријат во Пиемонт исчезнале во следниот. Масите што толку решително се одделиле од буржоаските институции исто толку целосно се реинтегрирале во нив и иницијативата набрзо повторно преминала во рацете на буржоазијата. Овој редослед на настани изгледал неизбежен, поради идеолошките и политичките слабости на самите фабрички совети.

Слабостите биле многу на број, а најфаталната од нив била географската изолација, вкоренета во пиемонтската (па дури и во торинската) „исклучителност“. Во овој период регионот бил основата на италијанскиот индустријализам, типизиран од систем на фабричко производство и урбана работничка култура, што немале пандан никаде на друго место на полуостровот. Очекувано, советското движење што било создадено од овие услови било само по себе уникатно; тоа негувало регионализам и одреден арогантен провинцијализам, што се одрекувал од обидите да се прошири надвор од неговите корени во Пиемонт. Во самото Торино се појавил феномен познат како „фабрички егоизам“, што ја уништил можноста за обединета организација дури и меѓу торинските работници. Како што истакна Гвин Вилијамс: „Секоја фабрика размислувала на својата одбрана, како да е милиција. Немало никаква координација“.[20] Отсечено од останатиот дел од Италија и политички отуѓено од ПСИ и ЦГЛ, советското движење на крајот било ограничено од сопствената тесноградост исто толку колку и од силата и итрината на буржоазијата.

На крајот, неуспехот на италијанскиот советски комунисти да изградат зрело револуционерно движење во голема мера бил внатрешен. Пролетаријатот, иако борбен, не можел да го надмине сопствениот сепаратен парохијализам; во отсуство на какви било координативни центри, без никакви реални врски на комуникација, бунтот бил имобилизиран од својот спонтанизам. Фрагментацијата на општествените сили од фабрика до фабрика, од град до град и од регион до регион го запрело движењето од политичко-институционалната сфера. Спротивно на Русија, каде локалните движења брзо биле подредени на авангардната партија, во Италија тие исчезнале во отсуство на интегрирано водство и стратешка насока – истата дилема видена од поинаков агол.

На тој начин, италијанскиот случај драматично ги открива ограничувањата на тесната префигуративна стратегија. И самиот Грамши набрзо сфатил дека само фабричките совети не се доволни; по поразот на Биенио Росо, тој ѝ посветувал сѐ повеќе внимание на улогата на партијата, гледајќи во неа контратежа на спонтанизмот на советите. А сепак, ленинизмот очигледно не бил решение за неуспесите од 1918-1920 година. Во која и да мера кризата да дозволувала заземање на централната државна власт, во ретроспектива е јасно дека не постоела кохезивна народна сила што би го спровела процесот на општа социјалистичка преобразба. Токму аморфноста и локализмот дури и на најнапредните борби во Пиемонт самите биле знак дека недостасувала идеолошката подготовка меѓу масите – или дека таа штотуку започнала – што сугерирало дека авангардистичкото преземање на власта веројатно би ги репродуцирало старите поделби и би резултирало со истиот вид на централизирана власт до кој дошло во Русија.

5. Германија: корпоративистичкиот ќорсокак

Германските фабрички совети, или Arbeiterraete, исто така имале потекло во повоената криза и одиграле витална улога во штрајкувачкиот бран што ја зафатило земјата во 1917-1919 година. Во овој период се појавиле стотици совети во најважните индустриски центри (на пример, во Хамбург, Берлин, Франкфурт и во Рурската област), а потоа многу други се прошириле во малите градови и селата во регионите како Саксонија и Тирингија. Движењето за народно самоуправување, што произлегло од повеќегодишните пролетерски борби на локацијата на производство, исто така мобилизирало големи сектори на војската и селанството. Како и во Италија, советите биле радикализиран израз на потрадиционални структури: фабричките комитети, задругите, здруженијата на соседствата и штрајкувачките комитети. Тие биле поврзани со левото крило на Германската комунистичка партија (КПД), со Независната социјалдемократска партија (УСПД) и со „ултралевичарството“ на Ернст Дојмиг. Од друга страна, силните социјалдемократи ја отфрлиле работничката контрола како „советска анархија“ и се обиделе да ја неутрализираат и асимилираат преку силата на својата партија и синдикалните организации.

Во теоријата, главната политичка тенденција на германскиот советизам малку се разликувала од нејзините руски и италијански пандани; стратегијата во суштина беше префигуративна. Советите се залагале за „пролетерска автономија“ и „индустриска демократија“ како основа на револуционерната преобразба, што природно ги поставило во противничка позиција во однос на државата, партиите и синдикатите. Некои теоретичари ги замислувале работничките совети како првиот чекор кон идната социјалистичка држава; други сметале дека тие треба да бидат ограничени на раководните функции во претпријатијата; но повеќето ги гледале како фактори на демократска контрасила во ригидно авторитарното општество, како дијалектика помеѓу класната свест и пролетерските институции што директно ќе ѝ се спротивстави на капиталистичката доминација во Германија.

Последнава поента нè носи до клучната претпоставка на германското движење. Преку етаблирање како силна контрасила на буржоаската хиерархија во фабриката и преку поткопување на колаборативната улога на синдикатите – т.е. преку подривање на идеолошкиот легитимитет и стеснување на економските опции на кревкиот капиталистички систем – се претпоставувало дека советите може да го втурнат општеството кон фатална криза. До оној степен до кој пролетаријатот можел да ја надмине традиционалната потчинетост на авторитетите преку демократизирачкото влијание на советите, тој би се подготвил да ја преземе контролата врз економијата и да воспостави своја хегемонија штом кризата ќе ја уништи способноста на буржоазијата да владее.[21] Оваа шема важела до 1923 година, кога станало очигледно (дури и за „ултралевицата“) дека европскиот капитализам се опоравил од својот повоен крах.

Политичкото сценарио што го создала германската револуционерна левица никогаш не било сериозна историска можност, дури и со кризата; префигуративната димензија била слаба уште од самиот почеток. Всушност, во Германија постоеле два вида фабрички совети веќе во 1917-1918 година: еден што го нагласувал проширувањето на непосредната пролетерска демократија и посветеноста на масовно востание (во традицијата на Луксембург) и друг што се држел до можноста да се унапредат работничките интереси (па дури и „работничката контрола“) во рамките на постоечката раководна структура. По 1919 година овој вториот – пристапот на интересни групи или корпоративистички пристап – сè повеќе преовладувал, наместо автономниот модел.

Како што покажа Серџо Болоња, најкрупните и најзначајни елементи на германското советско движење биле составени од високоспецијализирани машински работници што биле концентрирани во претпријатија со средна големина (на пример, хемикалии и производство на алати), кои сè уште не доживеале високи нивоа на рационализација. Тоа не биле работници од линиите за масовно производство, туку квалификувани занаетчии, кои од почетокот на векот биле доминантна сила во германската индустрија. Како квалификуван и професионален слој, тие зазеле тесногради, егоистички позиции на привилегирана „работничка аристократија“ и тежнееле да се издвојат од неквалификуваните „масовни“ работници од големите фабрики.[22]

Во оние региони и претпријатија каде што техничарите, инженерите и машинските работници станале водечка сила во фабричките совети, движењето набрзо стекнало „менаџерски“ карактер; целта на работничката контрола, што ја нагласувала слободата на работата и креативноста, била тесно поврзана со борбата за постигнување или задржување на професионалниот статус. Тие работници ги сфаќале своите совети во смисла дека тие ги претставуваат специфичните интереси и цели на еден сектор од пролетаријатот против целината (Спротивно на тоа, Русите и италијанските совети – и покрај стратешките проблеми што произлегувале од локализмот и спонтанизмот – ја гледале работничката контрола како процес на социјалистичка преобразба што ќе ги обедини борбите на сите работници). Многу германски совети биле обликувани од провинцијализмот што се залагал за пролетерска контрола врз поединечни фабрики; додека други сакале да ги претворат синдикатите во структури што би можеле да го преземат фабричкото производство.

Ова беше суштината на корпоративизмот. Тој ја оставил недопрена општествената поделба на трудот во фабриката, па дури и ја интензивирал со проширувањето и институционализирањето на поделбата помеѓу умствениот и физичкиот труд, помеѓу „експертите“ и масовните работници. Заменувајќи ја старата раководна структура со нова заснована на експертиза и „автономија“ на работното место – односно, преку спроведување на систем на соуправување – овие совети само ја реконституирале хиерархијата. Згора на тоа, корпоративистичкиот модел ја прифатил основната капиталистичка практика на договорно преговарање; сè додека постоеле договорите за плати, „работничката контрола“ всушност ја зајакнувала менаџерската експлоатација и стоковното производство во вкупната економија.[23] Едвај изненадува што водечките сектори на германското советско движење, немајќи општа класна перспектива, никогаш не можеле да создадат широки борби насочени против капиталистичката доминација било во одредени индустриски претпријатија, било во германското општество како целина. Неуспехот да се подигнат пролетерските борби во политичката сфера бил само еден аспект од овој проблем.[24]

Корпоративизмот, дури и кога би довел до соборување на поседничката класа во поединечни фабрики, немало да го мобилизира германскиот пролетаријат кон социјалистички цели; па дури и кога квалификуваните техничари би биле во можност да постигнат одредена „автономија“, тие немало да постигнат структурна надмоќ над целата економија. Впрочем, Горц тврди дека оваа ограничена одбрана на техничките и професионалните интереси – колку и да е затскриена во образложението за пролетерско самоуправување – нужно ја инхибира политизацијата на самиот квалификуван слој. Наместо да ја социјализира или колективизира техничката експертиза, корпоративистичката тенденција ги опредметува буржоаските поделби. Според зборовите на Горц: „Капиталистичката поделба на трудот, со нејзината поделба на мануелната и интелектуалната работа, на извршувањето и одлучувањето, на производството и управувањето, е техника на доминација исто колку и техника на производство“.[25]

Повоениот развој на германските Raete имал малку сличности со советската теорија развиена од Дојмиг, Панекук и Гортер во 1920-тите. Нивниот теоретски пристап, кој ја надминал идеологијата на синдикализмот концентрирана на фабриката, се придвижил кон органско спојување на политиката и економијата; советите би ги извршувале и економските и политичките функции, идеално тие би го претставувале движењето на целата работничка класа и би биле интегрирани во регионални и национални федеративни мрежи на собранија, што би го обезбедиле неопходниот елемент на стратешко планирање и координација.[26] Сепак, до 1921 година, оваа теорија станала одвоена од фактичката политика на работничкото движење, а јазот помеѓу визијата на советскиот комунизам и корпоративистичката дегенерација на фактички постоечките совети неповратно се продлабочила.

Според анализата на Болоња, растечката рационализација на германската индустрија по повоената криза ги поткопала изгледите на комунизмот на советите уште од самиот почеток; квалификуваните техничари, настроени да ја зачуваат својата креативност пред надоаѓачката бирократизација, сочинувале феномен од поранешните фази на капиталистичкиот развој. Од гледна точка на префигуративната револуција, ова е доволно точно. А сепак, германските совети, далеку од тоа да исчезнат, во реалноста глатко се приспособиле на капиталистичките шеми на рационализација, се намножиле онака како што биле апсорбирани во реформистичкиот социјалдемократски апарат и на крајот ќе станат (корпоративистички) модел за иднината. Онаму каде што Raete преживеале, тие ја изгубиле сета независност и сè повеќе преземале тесногради, економистички функции.

Неодамнешните обиди да се институционализира „работничката партиципација“ во Западна Германија, Скандинавија и Чехословачка, сите го носат белегот на изворните експерименти со советите во Германија. На сите овие модерни верзии на корпоративизмот им е заеднички менаџерскиот концепт на работничка контрола. Тоа подразбира придонес при донесувањето одлуки во претпријатието од страна на најквалификуваните и „најодговорните“ вработени според принципот на соуправување; вклученоста на работниците е ограничена на самото претпријатие и не се протега на севкупното обликување на јавната политика. Советите помагаат при управувањето, но тие во никој случај не се автономни органи и се целосно апсорбирани во директоратот партија-синдикат-држава.[27] Таквите реформи историски функционираа за да ги интегрираат работниците во порационализираниот и „демократизиран“ капиталистички производствен апарат – судбина на која раните руски и италијански советски движења, без оглед на нивните стратешки слабости, се спротивставувале сѐ додека не биле или уништени одозгора или не исчезнале.

6. Заклучоци

Иако советските движења биле уништени, одумреле или биле апсорбирани во капиталистичките структури во Русија, Италија и Германија по Првата светска војна, нивната традиција продолжи да живее, повторно појавувајќи се во нови контексти: во Шпанија за време на Граѓанската војна; повторно во Италија за време на Отпорот; во Унгарија во 1956 година и во многу напреднати капиталистички општества во текот на 1960-тите. Овие понови верзии на префигуративната политика наидоа на истите пречки и дилеми и доживеаја слични обрасци на опаѓање: јакобинизам, спонтанизам и корпоративизам.

Шпанските и унгарските совети, како и руските, паднаа жртви на бирократскиот централизам. Во Шпанија за време на Граѓанската војна, брзото ширење на синдикалистичките и анархистичките колективи – инспирирани од долгата префигуративна традиција во селата – помогна да се дефинира најсилниот левичарски бунт во Европа меѓу војните. Но, стремежот кон народна контрола беше поткастрен од политичките сили (вклучувајќи ја и Комунистичката партија) во рамките на коалицијата на Народниот фронт, која се обиде да воспостави бирократска контрола врз движењето со цел да ги мобилизира масите против фашизмот. Воената криза го поттикна развојот на бирократското управување, што доведе до распуштање на локалните демократски структури дури и во ослободените области.[28] Во Унгарија пред советската интервенција, во неколкуте месеци пред октомврискиот преврат се појавија стотици фабрички комитети. Има коментари дека ова беше првата целосна револуција против бирократскиот капитализам во која било земја.[29] Но, советите никогаш не станаа институционализирани; тие не траеја подолго отколку што им беше потребно на советските окупациски власти (со помош на унгарските партиски водачи) да ги уништат.

Францускиот бунт од мај 1968 година роди невиден број и разновидност од локални групи – акциони комитети, фабрички совети, студентски комуни, групи на соседствата – од кои повеќето пропаднаа поради сопствениот спонтанизам. Во Италија бунтот не беше толку спектакуларен, но облиците што произлегоа од него, како што се comitati di base, опстоија подолго. Овој нов период на народна бунтовност помогна да се подмлади една европска левица што долго време беше задушувана од советскиот модел; таа го одржуваше жив префигуративниот идеал и го осветли банкротот на етаблираните марксистички партии.

Најзначајно, радикализмот од шеесеттите внесе нова политичка содржина во префигуративната традиција. Тој ја потврди важноста на генерализирањето на борбите за самоуправување потаму од локацијата на производство за да ги вклучи сите сфери на општествениот живот и сите структури на доминација. Тој се стремеше да ги интегрира личните прашања и прашањата за „животниот стил“ во политиката – особено во областа на феминизмот – пошироко и поитно отколку што тоа било случај со движењата од минатото (Бидејќи многу малку жени учествувале во претходните движења – работната сила и, оттука, разните пролетерски организации биле претежно машки – прашањето за патријархатот едвај било покренувано). И тој се фокусираше на поширок опсег на прашања со кои се соочува општествениот систем како целина: здравствената заштита, културата, екологијата итн.

Во исто време, новата левица беше блиска до традиционалниот анархизам во својата глорификација на спонтаноста и субјективитетот, во своето славење на секојдневниот живот и во своето непријателство кон „политиката“ и сите облици на организација. Таа ги донесе ограничувањата на спонтанизмот во дури уште попретеран облик. Францускиот мај дава добар пример: мобилизирани во милиони, студентите и работниците не беа во можност да го преточат своето востание во сила што поседува водство, структура и насока, а народната енергија брзо се изгуби. Француската комунистичка партија одигра важна улога, но новата левица, сепак, имаше своја логика. Ова беше судбината на новата левица насекаде: во нејзиниот страв од централизам, во нејзиното повлекување во екстремен субјективизам и во нејзиниот бескомпромисен апстенционизам, таа даде малку стратешки израз на својата визија за ослободувањето. Таа успешно ги нападна идеолошките основи на буржоаското општество, но средствата што ги користеше – политиката на масовна директна акција од една страна, малите изолирани групи од друга страна – беа политички примитивни.[30]

Корпоративистичкиот развој на современиот советизам следеше три различни патеки. Во одредени западноевропски општества – на пример, во Западна Германија и Шведска – работниците се интегрирани во буржоаските раководни структури преку разработени шеми на соучество што ги оставаат недопрени карактеристиките на капитализмот како целина. Во други земји, како Италија и Франција, работничките совети што се појавија како автономни центри на борба во доцните 1960-ти и раните 1970-тите беа подложени на бирократизација и беа апсорбирани од синдикалните и административните структури. Конечно, во комунистичките системи како Југославија, Полска и Чехословачка, каде пролетерското самоуправување е прифатена цел и каде советите станаа институционализирани тела, партијата-држава ја ограничи автономијата на народните институции, ограничувајќи ги на тесни функции на „соуправување“ во рамките на широкиот економски план што им е наметнат одозгора. Поделбата меѓу економијата и политиката е утврдена во секој од случаите: корпоративистичките совети го ограничија донесувањето одлуки во рамките на поединечните претпријатија, но имаат мало или никакво влијание врз јавната политика на ниво на општеството.

Дилемите на модерните префигуративни движења произлегоа од наследството на целата префигуративна традиција, која, за разлика од ленинизмот и структурниот реформизам, се стремеше да ја афирмира актуелноста на револуционерните цели. Отфрлајќи го авангардизмот, тие често ја игнорираа државата и проблемот на власта; нагласувајќи ја префигуративната страна, тие ја минимизираа задачата на организирањето. И слично на организираните марксистички движења, тие на крајот не успеаја да артикулираат демократска социјалистичка теорија за транзицијата. Нестабилноста и ранливоста на двовластието бара брзо движење кон широк систем на револуционерен авторитет ширум една нација; без тоа, како што покажува историјата, локалните структури не се во можност да ги преточат народните енергии во одржливо движење што е и префигуративно и политички успешно. Она што се бара, а што ѝ недостига на целата префигуративна стратегија, е спојување на спонтанизмот и „надворешниот елемент“, на економијата и политиката, на локалните демократски и на државните борби за власт. Но, неодамнешните искуства на радикалните движења во капиталистичките земји покажуваат континуирана поларизација помеѓу префигуративните и етатистичките стратегии, а што е штетно за таквата можност.

Имаше обиди – на пример, во Кинеската револуција – да се демократизира ленинистичката авангардна стратегија со комбинирање на централизирачките карактеристики на оваа револуционерна партија со локалистичките елементи на префигуративниот пристап. Мао ги истакна „национално-народниот“ карактер на партијата и улогата на идеолошката борба како противтежа на приматот на партијата-држава. Тој предвиде процес вкоренет во структурите на власт на основно ниво (на пр., револуционерни комитети, комуни), како и во самата партија. Но, маоистичката алтернатива всушност претставува модификација на класичниот ленинизам наместо нова синтеза. Кога постои спој меѓу јакобинските и префигуративните елементи, јакобинската страна е јасно хегемонична, при што партијата-држава го насочува процесот на револуционерна преобразба одозгора.

Една алтернативна шема би го променила овој однос со поставување на префигуративното над јакобинското. Зашто партијата во суштина е инструментален фактор преокупиран со конкретни политички задачи наместо со културните цели за промена на секојдневниот живот и укинување на капиталистичката поделба на трудот; таа природно има тенденција да биде фактор на доминација наместо на префигурација. Бидејќи еманципаторските цели може целосно да се спроведат само преку локални структури, токму овие органи – наместо партијата-држава – мора да го обликуваат револуционерниот процес. Централизираните структури нема да им се наметнат на масовни борби, туку ќе произлезат од овие борби како механизми за координација. Само народните институции во секоја сфера на секојдневното постоење, каде што демократските импулси може најцелосно да се реализираат, може да се борат против репресивните упади на бирократскиот централизам и да го активираат колективното вклучување што е животна сила на револуционерната практика.

Фусноти

[1] Stanley Moore, Three Tactics: The Background in Marx (New York: Monthly Review Press, 1963).

[2] George Lukacs, Lenin (Cambridge, Mass., MIT Press, 1971), Passim.

[3] Francois George, “Forgetting Lenin”, Telos #18 (Winter, 1973–74). Видете и Frederic and Lon Jean Fleron, “Administrative Theory as Repressive Political Theory: The Communist Experience”, Telos #12 (Summer, 1972), pp. 89–94.

[4] Видете Flerons, op. cit., и Ulysses Santa-Maria and Alain Manville, “Lenin and the Problems of Transition”, Telos #27 (Spring. 1976), pp. 89–94.

[5] Svetozar Stojanovic, Between Ideals and Reality (New York: Oxford University Press, 1973), ch. 3.

[6] Италијанската комунистичка партија, на пример, се залага за двострана стратегија на политичка „демократизација“ и економска „модернизација“. Првата цел вклучува ревитализација на парламентот и локалната администрација наспроти централната извршна власт; елиминирање на патронажата, корупцијата, расипништвото и непотизмот на власта истовремено градејќи покомпетентна професионална државна служба; правење на јавните агенции поотворени и достапни; и развивање систем на национално „демократско планирање“. Втората цел вклучува рационализирање на производството преку елиминирање на остатоците од заостанатоста и паразитизмот во италијанскиот капитализам; поткопување на монополската моќ и наметнување ограничувања на „искривените привилегии“; поттикнување на продуктивна ефикасност преку владини развојни научни и технички програми; модернизација на земјоделското производство; и развој на широк систем на социјална заштита.

[7] Како што пишува Марија А. Мачиочи за нејзиното сопственото искуство како кандидат на КПИ за парламентот, изборните кампањи имаа тенденција да дегенерираат до спектакли и ораторски натпревари исполнети со плитки флоскули. За неа било исклучително тешко да покрене суштински прашања, бидејќи КПИ била премногу исплашена да не ги отуѓи потенцијалните нови регрути од својата изборна база. Видете M.A. Macciochi, Letters from Inside the Communist Party to Louis Althusser (London: New Left Books, 1973), Passim.

[8] Видете C.George Benello, “Anarchism and Marxism”, Our Generation (vol. 10, no. 1, fall. 1974), pp: 55–56.

[9] Andre Gorz, ed., The Division of Labor (Atlantic Highlands, N.J.: The Humanities Press, 1976), p. xi.

[10] Видете S.A. Marglin, “What do Bosses do?”, in Gorz, op. cit. Во современите општества, оваа бирократска доминација сè повеќе продира во повеќето сфери на секојдневниот живот до тој степен што станува дел од психологијата на масите. Видете Henry Jacoby, The Bureaucratization of the World (Berkeley: University of California Press, 1973), p. 189.

[11] Треба да се нагласи улогата на локалните совети во поттикнувањето на развојот на пролетерскиот субјективитет – и помагањето да се надмине политичкиот фатализам. Тоа било централно во визијата на Грамши за советите за време на периодот на „Ордине Нуово“, кога тој сметал дека еден од нивните главни придонеси е всадувањето на „психологијата на производители“ кај работниците. Тоа, исто така, било вообичаена тема кај Панекук и во германското советско движење, што Ароновиц го гледа како стремеж за поткопување на авторитарната личност што се создава преку фабричката бирократија и семејството. Видете Stanley Aronowitz, “Left-Wing Communism: The Reply to Lenin”, во Dick Howard and Karl Klare, eds., The Unknown Dimension (New York: Basic Books, 1972). Видете и Daniel Kramer, Participatory Democracy (Cambridge, Mass.: Shenkman, 1972), ch. 7.

[12] Cornelius Castoriadis, “The Hungarian Source”, Telos #30 (Winter 1976–77), p. 15.

[13] За умерениот карактер на Петроградскиот совет, видете Oskar Anweiler, “The Political Ideology of the Leaders of the Petrograd Soviet in the Spring of 1917”, во Richard Pipes, ed., Revolutionary Russia (New York: Doublcday and Co.. 1969). p. 148.

[14] За разликата помеѓу советите и фабричките комитети, видете Peter Rachleff, “Soviets and Factory Committees in the Russian Revolution”, Radical America vol. 8, no. 6. Nov.-Dec., 1974, особено p. 94, 103.

[15] Видете Dietrich Geyer, “The Bolshevik Insurrection in Petrograd”, и John Keep, “October in the Provinces, во Pipes, op. cit., pp. 245–46.

[16] Видете Robert V. Daniels, The Conscience of the Revolution (New York; Simon and Schuster, 1969), p.84. Даниелс го гледа овој процес како клучна пресвртница во еволуцијата кон бирократскиот централизам.

[17] Економската стратегија во овој период всушност била подреден дел во општата борбена стратегија направена да ја максимизира болшевичката контрола. Видете Daniels, op. cit., pp. 121–25 и Maurice Brinton, The Bolsheviks and Workers’ Control (London: Solidarity, 1970). p. 46.

[18] За детален приказ на овој развој, видете: Brinton, op. cit., pp. 15–47.

[19] Цитирано во Paolo Spriano, The Occupation of the Factories: Italy 1920 (London: Pluto Press, 1975), p. 123.

[20] Gwyn Williams, Proletarian Order (London; Pluto Press, 1975). p. 253.

[21] За односот помеѓу германското советско движење и теоријата на кризата, видете Sergio Bologna, “Class Composition and the Theory of the Party at the Origin of the Workers-Council Movement”, Telos #13 (Fall, 1972), p. 26.

[22] Bologna, op. cit., p. 6

[23] Guido De Masi and Giacomo Marramao, “Councils and State in Weimar Germany”, Telos #28 (Summer 1976), p. 27.

[24] Видете Brian Peterson, “Workers Councils in Germany, 1918–1919”, New German Critique No. 4 (Winter 1975), pp. 122–23.

[25] Gorz, “Technology, Technicians, and the Class Struggle”, во The Division of Labor, p. 174.

[26] За теориите на Панекук, видете Richard Gombin, The Origins of Modern Leftism (London: Penguin Books, 1975), pp. 88–97, и Aronowitz, op. cit.

[27] За анализа на фабричките совети во напреднатите индустриски општества, видете Adolf Sturmthal, Workers’ Councils (Cambridge, Mass.: Harvard University Press, 1964), chs. 4–6.

[28] Овие случувања се разгледани од Murray Bookchin, ‘Reflections on Spanish Anarchism’, Our Generation vol. 10. no. 1, Fall, 1975. pp. 24–35, и Daniel Guerin, Anarchism (New York; Monthly Review Press), pp. 139–143.

[29] Castoriadis, op. cit., pp. 7–14. Касторијадис, оп. cit., стр. 7–14. Тој тврди: „Така, како и неколкуте недели на Париската комуна, за нас унгарските настани се поважни од три илјади години египетска историја, бидејќи тие претставуваа радикален прекин со наследените филозофии на политиката и работата, притоа префигурирајќи ново општество.“ Ibid., p. 14.

[30] Оваа тенденција беше поизразена во САД отколку во Европа, каде што силното присуство на марксизмот ги ублажи крајностите на спонтанизмот на новата левица. На пример, посветеноста на целите на работничка контрола и самоуправување – повеќе или помалку земени здраво за готово од европските вонпарламентарни движења – доби малку внимание во САД. Видете James Weinstein, The Ambiguous Legacy (New York: New Viewpoints, 1975). ch. 7.