Напишано: 1894
Извор: "Selected Political Writings of Rosa Luxemburg", Monthly Review Press,
1971, pp. 315-16.
Превод: Томислав Захов, од англиски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: мај 2011
Среќната идеја да се користи пролетерското славење на празникот како средство да се постигне осумчасовно работно време прво се роди во Австралија. Тамошните работници решија во 1856 година да организираат ден на целосен прекин на работата заедно со собири и забава како демонстрација во прилог на осумчасовно работен ден. Денот на оваа прослава беше 21 април. Во почетокот, австралиските работници го имаа замислено ова само за 1856 година. Но, оваа прва прослава имаше еден таков силен ефект врз пролетерските маси во Австралија, поттикнувајќи ги и водејќи ги кон нова агитација, па беше решено прославата да се повторува секоја година.
Всушност, што би можело да им даде на работниците поголема храброст и верба во својата сила од еден масовен прекин на работата за кој решиле тие самите? Што би можело да им даде повеќе храброст на вечните робови на фабриките и работилниците од раководењето со своите сопствени трупи? Според тоа, идејата за пролетерска прослава беше бргу прифатена и, од Австралија, започна да се шири кон другите земји сè додека не го освои сиот пролетерски свет.
Првите што го следеа примерот на австралиските работници беа американските. Во 1886 тие решија дека 1 мај треба да биде ден на општ прекин на работниот процес. На овој ден 200.000 од нив ги напуштија своите работни места и побараа осумчасовен работен ден. Подоцна, полицијата и правниот систем ги спречуваа работниците многу години да повторат ваква демонстрација. Сепак, во 1888 тие ја обновија својата одлука и решија следната прослава да биде на 1 мај 1890.
Во меѓувреме, работничкото движење во Европа зајакнало и оживнало. Најмоќниот израз на ова движење се случил на Меѓународниот работнички конгрес во 1889. На овој конгрес, на кој присуствуваа 400 делегати, беше решено дека осумчасовниот работен ден мора да биде првото барање. При тоа, делегатот на француските синдикати, работникот Лавињ од Бордо, предложи ова барање да биде поставено во сите земји преку општ прекин на работата. Делегатот на американските работници го свртел вниманието на одлуката на сите другари да штрајкуваат на 1 мај 1890, и Конгресот го одреди овој датум за општа пролетерска прослава.
Во овој случај, како и пред триесет години во Австралија, работниците навистина размислувале само за демонстрација која треба да се случи еднаш. Конгресот реши дека работниците од сите земји треба да демонстрираат заедно за осумчасовен работен ден на 1 мај 1890. Никој не зборувал за повторување на празникот во наредните години. Се разбира, никој не можеше да го предвиди молскавичниот пат по кој оваа идеја ќе биде успешна и колку бргу таа ќе биде усвоена од работничката класа. Сепак, беше доволно да се слави Први Мај само еднаш за секој да разбере и почувствува дека Први Мај мора да биде годишна и постојана практика...
Први Мај побара воведување осумчасовен работен ден. Но, дури и откако оваа цел беше постигната, Први Мај не беше откажан. Сè додека борбата на работниците против буржоазијата и владејачката класа продолжува, сè додека сите барања не се задоволени, Први Мај ќе биде годишно изразување на овие барања. А кога ќе дојдат подобри денови, кога работничката класа на светот ќе го извојува своето ослободување, и тогаш човештвото веројатно ќе го слави Први Мај во чест на горките борби и многуте страдања во минатото.